Цеце Николова пред објективот на „Fashionel“: Предодредена сум да бидам поинаква

Fashionel.mk

05/04/2021

23:13

175.052

Големина на фонт

а а а

Во животот, можеби не можеме да ги контролираме работите што ќе ни се случуваат, но можеме начинот на кој што ќе реагираме на нив. Оваа мисла е воедно и една од пораките кои ги испраќа приказната од нашата насловна страна за месец април.

Новинарката Цветанка Цеце Николова, неодамна предизвика вирална реакција со нејзината објава на социјалните мрежи, објавувајќи фотографии преку кои откри дека има алопеција ареата и текст преку кој порача: „Ова сум јас, луѓе“.

Во месецот на цутот на јапонските цреши, на мирисот на јоргован, месецот кога боите добиваат интензитет, а мирисите патуваат, и таа одлучи да процути и да блесне во полн сјај.

На фотографиите ќе видите девојка на чија глава нема веќе перика и едни две продорни очи. Очите на секој човек со кој ќе се разминеме, видиме, судриме, се како слика од акварел, која и со солзи и со насмевки се разлева и се преобликува. А нејзините очи се токму такви – игриви, темни, радосни, длабоки.

Човечката љубопитност пак, поканета или не, знае да биде доминантна, не сфаќајќи што може да предизвика. Овде и овој пат, таа прерасна во силен аплауз на поддршка кој одѕвонува и денови подоцна. И токму оваа девојка, која многумина би ја нарекле лавица, а таа се смета за нежна и кревка, ја краси нашата насловна страница месецов.


Во продолжение ќе прочитате приказна за самоспознавање, приказна за победа над стравот, на тоа како црна тежина се претвора во бела птица, слободна. Ќе прочитате приказна дека животот секогаш вреди да се живее.

Овој разговор е надополнување на она нејзино „ова е мојата приказна“ – искрена, реална, понекогаш тажна, сè повеќе среќна и ведра, приказна која инспирира, која ослободува. Тоа е и приказна која ќе порача и дека некои работи се случуваат токму тогаш кога треба, а на крајот и дека насмевката умее да биде многу посилна од солзата.

Целиот разговор во продолжение:

Како се чувствуваш по споделувањето на објавата и фотографиите со јавноста?

- Откако ја објавив на социјалните мрежи, очекував дека ќе има реакции, новинар сум, знам што сè може да поттикне, но не очекував многу реакции, колку што имаше, и сè уште има. Денот потоа, ми беше многу чуден, како да не бев сосема свесна што направив. Постојано пристигнуваат пораки, се прашував дали е реално или сонувам. Не можам да ви опишам... Необично... Се гледам постојано на фотографиите и си велам: „Ова сум јас“. Тоа ми требаше, да можам да се видам. Да се видам во мои очи.


Колку беше навистина сигурна дека сакаш да направиш таков чекор?

- Уште пред неколку години, си реков, сосема необврзно, дека во 2021 ќе ја извадам периката. Но, во тоа време мислев дека ќе ми порасне косата, натаму одеше. И постојано ќе ми порасне – па ќе падне, постојано нешто се случуваше и на крај сфатив дека тоа е тоа, дека нема постојано одложувам. Како ми дојде да го направам тоа? Беше петок, станав од спиење и реков: „Ќе се сликам без перика!“. Не го размислував воопшто, иако, да ,тоа дека е 2021 некаде стоеше во позадина, но не беше пресудно, едноставно само ми дојде. Им се јавив на Марија и Мартина (шминкерка и фотографка) и им реков: „Луѓе, во недела сликаме!“.

Зошто ја одбра токму 2021?

- Не знам, нема некое посебно значење. Првично сакав тоа да е во 2020, но оставив простор уште една година, да почекам уште малку. Мислев дека во 2021 веќе ќе имам фризура, бидејќи косата навистина многу ми порасна. Ама, ми се случија некои тажни работи, мојот организам реагира на стрес и за многу кратко време ми падна речиси цела коса. И тоа многупати во животот го доживеав. Безброј пати ми се случило да се бањам и да паѓа коса, да се разбудам на перница полна влакна... На крајот веќе си реков, тоа е тоа. Како да се помирив... Но, очигледно не целосно, бидејќи сè уште носам перики.

Размислуваш ли после сето ова, да ги оставиш периките засекогаш?

- Да, размислувам. После реакциите кои ги видов и доживеав, можеби звучи смешно, но изгледа навистина ми требаше другите да ми го кажат тоа - луѓе што не ме познаваат, дури имаше и коментари од соговорници кои ме виделе само еднаш во животот. Навистина ми значи секоја порака, и сега дефинитивно размислувам за тоа дека можеби треба да бидам целосно без перика, но во овој момент, сè уште не сум подготвена да го направам и тој чекор.


Без разлика што си свесна дека имаш алопеција и живееш со тоа целиот живот, како ги поднесуваш овие разочарувања и гаснења на искра надеж за кои зборуваш?

- Секогаш кога ќе ми пораснеше голем дел од косата, кога ќе одлучев да им кажам на најблиските, не знаете со колкав страв го правев тоа. „Уште малку ќе ја извадам периката, но, еве, како да не сум го кажала, за да не се подречам“ и потоа повторно ќе се случи нешто, едно крукче, друго крукче ќе се појави... Да, многу е тешко кога постојано се разочаруваш. Но, мислам дека никогаш немав стопроцентна верба дека ќе ја извадам периката засекогаш и ќе имам коса како што имав едно време, кога бев многу мала. Луѓе велат: „Ќе ти порасне, ама немој да се стресуваш“. Но, не можам да си кажам или да се однесувам како ништо да нема да ме погоди во животот, за да можам да имам коса.

Низ процесот на самоприфаќање и соочување со болеста, колку имаше потреба да истражуваш за неа, да слушнеш туѓи приказни од луѓе кои го делат истото искуство?

- Искрено, до тој степен не сакав да се прифатам себе, што дури кога одев да купувам перики, не бев среќна кога ќе видев некој како мене, бидејќи тогаш вистински се соочував со тоа што ми се случува. Само ќе ја купам периката и ќе излезам. Толку. Крај. А сега, после таа моја објава и фотографии, добив толку многу пораки од девојки и жени кои го имаат истиот овој проблем... неверојатно. Немам статистички податоци, никогаш не сакав така да навлезам во таа проблематика, што е уште еден доказ дека не сум сакала да се прифатам себеси. Сега дури девојки ми праќаат фотографии и го гледам истото што мене ми се случувало низ годините и на кои им треба да споделат дека не се сами.


Која е твојата порака до нив, и до оние што водат некоја внатрешна борба?

- Веќе многу луѓе ми пишуваат и ми се доверуваат за работи кои верувам дека многу тешко им е на други да го кажат. Воглавно, на сите им велам да го чекаат вистинскиот момент. Ако виделе дека јас сум го направила, не значи дека тоа е вистинскиот момент и за нив. Така можат да предизвикаат и контра-ефект, да ги шокираат и блиските, доколку не се запознаени и слично. Првин да се соочат со најблиските, да зборуваат со нив, да се подготват да го кажат тоа пред нив, а потоа да се ослободат од товарот наречен перика или алопеција и пред другите.

Ти помага ли тоа што ете сега знаеш дека не си сама? Значат ли тие фотографии, дека веќе немаш проблем да се видиш себеси и во туѓи приказни?

- Никогаш не сум мислела дека сум сама или единствена со овој проблем. Но, да, тоа што гледам дека и други поминуваат низ иста ситуација некако можеби ми е олеснително. Иако, повторно ќе кажам, никогаш не се доживував како да сум единствена со алопеција ареата.


Кога првично стана свесна дека имаш алопеција?

- Јас пораснав во „СОС Детско село“. Таму стасав кога имав шест години, а пред тоа бев во згрижувачко семејство. Се сеќавам дека жената што ме чуваше, постојано доаѓаше со машинка за потстрижување и јас не знаев зошто само мене ме стриже. Бидејќи бев мала, не се имав видено во огледало дека имам кругови на главата, дека тоа на ништо не личи и дека е подобро тоа да се потстрижи. Но, во тој момент мене тоа ми изгледаше многу страшно. Кога пристигнав во Детско село, поточно кога сфатив каде дојдов, на мајка Наташа ѝ реков: „Ве молам само косата пуштете ми ја, да имам коса, друго, што сакате правете“. И навистина, таа правеше сè и сешто за да ми порасне косава. Но, оттогаш станував сè посвесна дека имам проблем со косата, откога почнав да одам на лекар, каде ми кажаа дека имам алопеција - збор кој само ми одѕвонуваше во главата, бидејќи како мала не знаев што значи тоа.

На кој начин алопецијата ти го детерминираше животот?

- Постојано им пркосев на ситуациите коишто ми се појавуваа. Уште од седум години играм латино танци, тоа е моја голема пасија до денешен ден, но тоа порано беше голем проблем. На натпреварите сите имаа прекрасни фризури во пунџа, а јас носев марама. Но, на крајот си реков – можеби тоа така треба. Сакав да освојам прво место, не ми беше важно како изгледам, повеќе ми беше важно да сум задоволна од настапот. Исто така и сега, бидејќи повторно му се вратив на латиното, претходно прекинав поради некои други здравствени проблеми – исто ми е проблем. Се наоѓам во ситуации кога морам да му објаснам на секој партнер по танц, дека јас имам перика, вака сврти ме, онака сврти ме, внимавај на ова - настрана од сите други проблеми што и онака си ги имам. Не сум дозволувала да ми влијае на сè што сакам да правам. Ми било тешко, но никогаш не сум дозволила заради периката да не можам нешто да правам. На одмор сум сакала да пливам – ми било срам да го направам тоа. Ќе ставам марама, ќе ме погледаат првиот ден, вториот ден веќе ќе се навикнат. Никогаш не сум рекла – „Носам перика, ова нема да го направам“, иако имало ситуации кога со перика навистина нешто не сум можела да направам.


Колку време ти беше потребно да не те допираат туѓи коментари? Дали денес можеш да кажеш дека не те допираат?

- Ова ми е едно од најтешките прашања... Децата се најискрени, но истовремено и најсурови и најмногу можат да те повредат. Кога бев мала, постојано ме викаа „кељава“, со Љ, кое онака одѕвонува... Во една пригода, имаше група деца, кои нешто ми се налутија и цела група викаше „кељава, кељава, кељава“, во некој ритам, и таа слика никогаш нема да ја заборавам, дефинитивно тие коментари многу ме повредуваа. Но, така пак излезе да носам перики. Првин носев марами, капи, а на крај вработените во „Детско село“ рекоа, зошто да не ѝ купиме перика. Тогаш малку стивнаа коментарите. Во пубертет и средно училиште исто така имав ситуации, бидејќи тој период бев пречувствителна, ми се случуваше премин од семејна куќа во младинска и секој коментар ме допираше. Се сеќавам на еден момент кога се враќав од училиште со автобус, јас стоев наназад, поповлечено, а останатите деца од училиштето почнаа да ми зборуваат: „А ти зошто носиш перика“, „Зошто се правиш дека е твоја косата“... тогаш тоа ме повредуваше, но сега – сосема знам како да се справам со такви моменти. Но, да, има милион ситуации кои ме повредувале, поради кои сум плачела, не сум сакала да излегувам од дома, па сум се прашувала зошто јас вака или така, наместо да речам – Јас сум поразлична и тоа е тоа. Но, сè е искуство.

Од твоето искуство, што е клучно во процесот на (себе)прифаќање?

- Би рекла „Да не ги слушаш другите“. Знам дека тоа звучи контрадикторно, бидејќи во мојот случај коментарите што ги добивам од луѓето сега, многу ми помогнаа и ме мотивираат сосема да ја извадам периката. Претходно не било така. Сепак, сметам дека е важно да не ги слушаме другите, да се потпреме на позитивните коментари, особено од нашите најблиски и најсакани. Тие го кажуваат и она што е позитивно и она што не е, на вистински начин.


Денес сведочиме на многу чувствителни, шокантни признанија и исповеди, што дури многумина сметаат дека преминува во помодарство. Чувствуваше ли страв дека можеби твојата порака нема да биде добро разбрана?

- На толку голем број коментари, не добив ниту еден негативен. Но, дури и да се појави, тој е толку небитен. Башка, јас веќе се прифатив ваква, затоа и го правиме и ова денеска, сакам луѓето да ме видат таква каква што сум, а и сфатив дека тие сакаат да ме гледаат во моето оригинално издание. Единствено нешто што не сакав да предизвикам, е да помисли некој дека го правам заради внимание. Јас секако привлекувам внимание, работам во медиуми, јавна ми е професијата, но ова воопшто не го направив од таа причина. Да беше така, ќе обелоденев во некој од медиумите каде што работам, а не на моите лични профили. Единствено од тоа ми беше страв и многу внимавав на текстот. Ниту сакам патетично да биде.

Да, неколкупати ми спомена дека не би сакала во никој случај да звучиш патетично, зошто ти е тоа од исклучителна важност?

- Многу ми е важно тоа, малку сме презаситени од сè нешто околу нас што се објавува постојано. Многупати сум се воздржала од некоја моја лична исповед, за ситуации како што се случуваат кај нас и во регионот, а се актуелни, баш од таа причина, бидејќи знам како ќе се сфати, и јас би го сфатила така. Кога некој ќе објави такво нешто, од начинот на кој што е напишано можам да сфатам дали е напишано поради публицитет или не. Затоа многу внимавав, бидејќи навистина воопшто тоа не беше идејата. И се радувам што луѓето вистински ја примија пораката.


Каде се предрасудите во целава приказна, а каде љубовта? Што имаше повеќе низ годиниве?

- Предрасуди. Само најблиските знаеја што се случува со мојот живот, бидејќи ова е само една од милион други работи во мојот така малку необичен живот. Дефинитивно имало повеќе предрасуди. Дури и кога сум одела на интервју за работа, еве вака од оваа перспектива сега, секогаш сум напоменувала дека носам перика. Инаку, сакам да го споменам и процесот додека да дојдам до вадење на периката. Првично почнав на луѓето да им кажувам дека носам перика. Добивав коментари од типот, убава ти е бојата на косата, каква фарба користиш и не криев дека носам перика. Втората фаза беше кога почнав да ги менувам периките, независно од претходната – кратка, долга, црна, кафена, за сега да дојдам до фаза да ме видат луѓето и без перика.

Беа ли твојот изглед и проблемите со кои се соочуваш предизвик и кога се емотивните релации и исполнетост во прашање?

- Досега не сум имала проблем со партнер или некој што мене ми значи да не ме прифати. Сите ние имаме по некоја тајна која ја кажуваме кога се чувствуваме слободно и сигурно. Но, навистина сум чекала да се зближам многу со некого за да кажам дека носам перика. Најчесто сум добивала коментари – добро, забележав, или пак тоа е најмал проблем, потоа нели доаѓал моментот и да ме видат без перика, но навистина не сум имала непријатни ситуации. И благодарна сум на тоа, бидејќи тоа би било голем емотивен удар.

За каква жена се сметаш, како би се опишала?

- Многу емотивна и кревка, иако тоа не изгледа така.


Не се сметаш за храбра, силна?

- Тоа сите го велат, но јас не сум си го кажала себе. Не знам... свесна сум, но мислам дека имам уште многу за работа.

Се сметаш за поинаква?

- Дефинитивно. Кога ги објавив фотографиите, си реков: „Како не сфатив досега дека јас сум различна?". Јас сум поинаква, не велам дека сум единствена, но поинаква да. И сум среќна за тоа. Секој сака да биде поразличен. Мене ми е некако предодредено да бидам поинаква. Сечиј живот е приказна за себе, нели, но мојот живот, мојата приказна е поразлична од она што сме навикнати да гледаме и слушаме.

Како би ја објаснила ти алопецијата?

- Тоа е една многу специфична болест, која што напаѓа посебни луѓе. За мене тие луѓе се посебни, не велам дека и јас сум, но имајќи предвид низ што се поминуваат, сметам дека околината треба да има поголемо разбирање за нив. Секој збор што ќе им го упатите е важен, бидејќи со овие пораки што ги добивам сфаќам дека и тие се мошне чувствителни, како што сум и јас. Сите што ми се блиски, знаат дека треба да бираат зборови со мене. Немам проблем да добијам критика, но мошне ми е важно на кој начин ќе ми биде кажана, кои зборови ќе ги употребат.


Си посакала некогаш да имаш друг, поинаков живот?

- Кога бев дете, знаев да се прашам зошто мене нешто ми се случува. Но, одамна веќе не. Благодарна сум за сè што ми се случило во детството, бидејќи без тоа, не би била она што денес сум. Ниту би била новинар, ниту би била успешна... Ете, се сметам и за успешна, дефинитивно. Којзнае кај би била да било поинаку. Веројатно во Велес со татко ми алкохоличар и мајка ми која нема... ма не е важно, којзнае каде би завршила. Така што, супер што завршив во „СОС Детско село". Сè што ми се случило, на крајот е за добро. Мајка Наташа од „Детското село" е мојата мајка, без разлика што моите родители се живи, секогаш ја споменувам неа. Таа е во тек со сè што ми се случува. Таа ми е голема поддршка во сè што правам. Постојано одам во „Детско село" и секогаш сакам да ги запознавам новите деца што доаѓаат во куќата каде што јас пораснав.

Што друго те прави личноста која што си денес?

- Генерално, опседната сум со музика. Сакам многу да пеам, се трудам, некои велат и дека убаво пеам, имам и такви објави на социјалните мрежи. На тој начин излегува сето она неубаво, па и убаво од мене. Дури и тоа пеење да не е перфектно, важно ми е емоцијата да излезе. Исто така, пишувам, подготвувам една книга, но ќе видиме како ќе се одвива понатаму... Искрено, постојано се изненадувам од себе. Не знам утре што ќе ми текне да направам. Не знаев ниту дека ќе бидам новинар, па ете излезе дека тоа нависитна многу го сакам. Но, музиката е нешто што ме „вади" од сè што се случува, нешто што е постојано присутно, или слушам, или пеам или танцувам. Кога ме прашувате што ме прави денес тоа што сум - сакам и бои, сакам да носам што повеќе боја на мене, бидејќи сум весела по природа и сакам и такви парчиња. Но, знам и елегантно да се изразам и да нагласам сè што треба.


Со оглед на спонтаноста што ја споменуваш, можеш ли вооpшто да се замислиш за десет години од сега, правиш ли планови?

- Можам да кажам дека сакам организацијата која ја имам „For You - За тебе", да се крене на уште повисоко ниво, да им помогнеме на што повеќе млади луѓе кои поминуваат низ слична животна судбина како мојата. Ќе се занимавам со новинарство, а за десет години се замислувам и со своја емисија – забавна. Македонска естрада многу ме интересира, следам тоа многу и приватно, а се трудам и професионално да го изразам. Ако во меѓувреме не ми текне и нешто поинакво.

Од желба до реализација – гледајќи наназад, што остана желба, а што стана реализација?

- Среќна сум за сè што имам постигнатo. Сфаќам дека можам многу повеќе од тоа што сум мислела досега. Сакам да ги направам горди оние што ги сакам и оние кои ги сметам за најблиски. Имам навистина многу пријатели и среќна сум заради тоа. Важна ми е поддршката и навистина сакам да се горди, ќе се пронајдат тие сами.

Стајлинг: Елена Лука
Шминка: Марија Лазарова
Организација и реализација: Fashionel.mk
Април, 2021



Спонзорирани линкови

Маркетинг