Маријан Салзман ги открива трендовите за 2022 година

Точка

10/12/2021

12:20

251.239

Големина на фонт

а а а

Една од најуспешните жени во светот на маркетингот, Маријан Салзман претстави 22 тренда за следната година.

Потпретседателката на одделот за глобални комуникации во тутунскиот гигант Филип Морис Интернешнл, Маријан Салзман, која е една од најпознатите „трендсетерки“ во светот ги сподели своите видувања за новите трендови кои ќе обликуваат како ќе се одвиваат работите во 2022 година и понатаму. Салзман е авторка и коавторка на дури 17 книги, повеќекратно наградувана ПР експертка и активистка која се залага за правата на жените.

На онлајн медиа вебинарот, Салзман на новинарите им презентираше 22 тренда за претстојната 2022 година. Како што наведе, таа го избрала тој број бидејќи во нумерологијата 22 се смета за „мастер број“. Некои дури го сметаат за најважен. Се смета дека е моќен број, но не мора да биде среќен.


Што се однесува конкретно на следната година, Салзман посочи дека се случиле позитивни промени на микро план, но дека и натаму се соочуваме со дезинформации, теории на завера и се уште се бориме со Ковид-19.

Владеење на хаосот

Со оглед на изборот, поголем дел од луѓето претпочитаат да се чувствуваат дека имаат контрола, дури и ако контролата е илузорна. За повеќето луѓе, животот и светот следната година ќе станат покомплексни и похаотични, така што ќе треба повторно да ги калибрираме нашите очекувања. Треба да прифатиме дека комплексноста е норма, да ја прифатиме онолку колку што можеме и да најдеме големи и мали начини да се врземе и да внесеме точки на смиреност и јаснотија.

Анксиозноста е новото нормално

Анксиозноста нема да исчезне. Генерацијата што расте под темното небо на климатските промени, Ковид-19 и неизвесните до мрачни економски изгледи не гледа кон иднина исполнета со ветувања и просперитет. За разлика од своите родители, баби и дедовци, тие не очекуваат дека нивните животи да бидат подобри од оние на генерацијата пред нив. За многумина, тоа остава две опции: борба за радикални колективни промени или подигнување на подвижен мост и барањето на број еден (било поединечно или со поддршка на националистичка и нативистичка политика).

Грижа за менталното здравје

„Се поголем број компании го сфаќаат значењето на терминот „Minding Your Mind“, кога станува збор за нивните вработени. Можеме да се преправаме дека менталните проблеми не постојат, но тие ги погодуваат луѓето“ вели Салзман, која додава дека светот е генерално помудар во однос на менталните проблеми со кои се соочуваат луѓето. Работилниците за зголемување на самодовербата можат да бидат еден од начините за борба против анксиозноста. Нагласува и дека треба да се прави разлика меѓу помалку и повеќе флексибилните работни места, бидејќи „донесувањето компромиси во работата може да влијае на подобро чувство кај вработените“.


Хибридниот модел на работа е тука да остане

Салзман истакна дека во 2022. година многу луѓе и натаму ќе пробуваат да сфатат што сакаат од работата, а компаниите ќе се борат да понудат вистинска комбинација од она што го бараат од работниците и од она што можат да им го понудат како придобивки. Според неа, работата на далечина и хибридната работа и натаму ќе бидат дел од новата корпоративна флексибилност.

„Хибридниот модел на работа е тука да остане. Ако вашиот работодавец тоа не ви го овозможи, ќе најдете некој друг. На пример, ќе стане нормално да имате виртуелна посета на доктор. Кога станува збор за работните места на иднината, ќе има се поголема потреба од работници во здравствениот систем и новите верзии на болници, а ќе се бараат и повеќе образовни кадри“. Додава и дека ќе биде приоритетно да се креираат портфолија, за понатамошно подобро котирање во иднина.

Нови технологии и метаверзум

Таканаречените кохезивни агенти ќе бидат актуелна професија следната година, а нивната улога во новиот свет е да им помагаат на организациите и вработените да се усогласат со хибридната работа. Новите технологии ќе бидат мејнстриум, а тоа се Zoom, виртуелната реалност, криптовалути, вештачка интелигенција.

Една од најуспшените жени во светот на маркетингот се осврна и на се почесто споменуваниот метаверзум, за кој многумина сметаат дека е нашата иднина. Салзман нагласи дека луѓето ќе сакаат повеќе да остануваат дома и оттаму да прават се што можат. Според неа, виртуелната реалност се огледа и во 3Д печатењето и иновациите кои би можеле да ги решат актуелните проблеми, а кои се однесуваат на тесните грла во синџирите за снабдување и барањата за физичка стока. Секако, виртуелното има уште многу простор за напредок.

Позелени простори

Некои од трендовите во 2022 година се и прашањата поврзани со „позелени простори“, грижата за водата и ресурсите, помалото загадување и автомобилите на улиците, како и подобрување на инфраструктурата (патишта, мостови, железници). Секако, во фокусот останува прашањето за климатските промени, односно глобалното затоплување.

„Сите сме во истата бура, но не во истиот чамец“, вели Салзман, алудирајќи на тоа дека јавноста треба да биде помалку толерантна кон нееднаквоста која и натаму е прилично изразена. Сепак, останува прашањето во кој правец оди решавањето на нееднаквоста, бидејќи жените, посебно мажените со деца, бea првите кои ги напуштаа работните места во текот на пандемијата, за да грижат за домот. Салзман посебно се осврна на жените од „првата линија на фронтот“ во борба против Ковид-19, наведувајќи дека пандемијата не ги погодила само нивните тела, туку и нивниот дух.


Менување на свеста

„Сонот е новиот секс. Некогаш следев вести 20 часа неделно, а сега тоа го правам само четири часа“, вели Маријан, додавајќи дека пандемијата донела позитивни промени во смисла дека луѓето сега повеќе се врзани за семејствотот, домот и повеќе водат сметка за здравјето.

Она што секако е негативна промена е физичката дистанца на која се инсистира, иако Салзман констатира дека новата реалност, можеби повеќе треба да ја набљудуваме како поинаква, а не како нужно негативна. „Ќе станеме порационални и поаналитични“, додава таа. Позитивен тренд е што се повеќе луѓе се свртуваат кон природата, читањето, музиката и се она што им го намалува стресот предизвикан од ковид-кризата. „Она што ни е потребно е помалку да се осудуваме едни со други. Луѓето сега се поплашливи и од тоа произлегува говорот на омраза“, истакна потпретседателката за глобални комуникации во Филип Морис, Маријан Салзман.



Спонзорирани линкови

Маркетинг