Наташа од Скопје за животот во Јужна Кореја и бракот со Кореец: „Храната која е поразлична од корејската не му претставува проблем, а засега многу му се допаѓа бурек со месо“

Точка

25/06/2022

14:17

201.293

Големина на фонт

а а а

26-годишната Наташа Андриеска од Скопје е во брак со Бјонгдо од Јужна Кореја, а двајцата имаат Јутјуб канал кој е многу популарен и на кој честопати го споделуваат своето секојдневие.

Наташа добила стипендија од факултет да студира една година во Кореја, а во тој период го совладала корејскиот јазик и без проблем можела да комуницира со локалци кои не знаат никаков друг јазик освен мајчиниот.

Откако се вратила во Скопје, токму заради желбата да не го заборави јазикот започнала онлајн да комуницира преку една апликација и на тој начин го запознала својот сегашен сопруг Бјонгдо.


За животот во Јужна Кореја, за јужнокорејската традиција и култура, како и впечатоците на Бјонгдо за Македонија, прочитајте од интервјуто во продолжение:

Најпрвин, зошто токму животот во Јужна Кореја?

Јас општо се интересирав за азиската култура, поточно гледав корејски серии и слушав корејска музика, па тоа ме инспирираше и да почнам да го учам и јазикот, а желба ми беше некој ден да ја посетам и државата. Таа желба ми се исполни кога од факултет добив стипендија да студирам една година во Кореја. Кога отидов едноставно се заљубив во земјата, а животот толку многу ми годеше што не сакав да живеам на ниту едно друго место освен Јужна Кореја.


Кога се пресели во Сеул, како се адаптираше на тамошниот живот?

Кога се преселив во Сеул, се беше многу поразлично и начинот на живот беше различен од оној кој го имав живеено во Скопје, но многу брзо се адаптирав на се и ја прифатив корејската култура. Многу ми се допадна корејската храна, која е малку лута, но здрава. Исто така навистина се трудев многу да го научам јазикот, а тоа ми помогна и да создадам многу пријатели.

Колку ти беше тешко да го совладаш корејскиот јазик?

Самиот јазик за изучување не е лесен бидејќи составот на реченица, пишувањето и начинот на изразување е многу поразличен од македонскиот и англискиот јазик. Но, јас имав часови по корејски јазик секој ден (4 часа) и тоа ми помогна да го совладам јазикот. После 6 месеци напорно учење веќе можев да се спријателувам со локалци кои не знаат странски јазик (англиски јазик).


Како се запознавте со Бјонгдо?

Детално нашата приказна ја имаме раскажано во едно од нашите видеа „Како се запознавме“, но на кратко, после 1 година студирање во Кореја јас морав да се вратам во Македонија. Бев многу тажна дека се вратив и секако веднаш почнав да правам планови како да отидам пак во Кореја, но до следното одење имаше уште некои 10 месеци... Во меѓувреме за да не го заборавам јазикот, симнав апликација за разговарање со луѓе (односно за размена на јазици) и таму го запознав Бјонгдо, мојот сегашен сопруг. После 1 месец интензивно зборување преку пораки и повици, тој реши дека не може да чека додека отидам во Кореја, па дојде прв да ме посети во Македонија. Заедно сме од првата средба во Македонија. Првите 6 месеци бевме разделени (тој во Кореја, а јас во Македонија), но потоа јас отидов пак во Кореја и оттогаш сме постојано заедно.

Познати сте по вашиот Јутјуб канал - „NB Couple“. Што ве поттикна да започнете да објавувате разни видеа од вашето секојдневие?

Ние уште од почетокот обожувавме да шетаме и да се фотографираме. Имаме многу фотографии од секое место каде што сме биле, дури некогаш и снимавме кратки видеа за да нѝ останат како спомен, но не ги објавувавме. Па така, еден ден Бјонгдо предложи официјално да пробаме да снимиме подолго видео и да го објавиме на Јутјуб. Кога почнавме нѝ стана интересно и продолживме константно да објавуваме видеа.

Познато е дека нашата традиција во голема мера се разликува од јужнокорејската. Колку ти прифати од неговата култура и тој од нашата и како „воспоставувате баланс“?

Јас уште првиот пат кога отидов во Кореја, пред да се запознаам со Бјонгдо, многу брзо и добро се адаптирав на Кореја и ја прифатив културата. Ми се допадна се и немаше нешто што ми пречи, па може да се каже дека кога се запознав со него веќе бев навикната на тамошниот живот и немаше потреба од некој баланс. Искрено мене повеќе ми се допаѓа корејската кујна, па кога почнавме да живееме заедно учев да готвам корејска храна. Не сме религиозни, па во тој поглед немаме пречки и недоразбирања. Иако културите се различни, тоа не претставува некаков посебен проблем во нашиот брак.

Дали некогаш заедно сте ја посетиле Македонија и какви се неговите впечатоци за нашата земја?

Тој има дојдено во Македонија 3 пати, од кој третиот е сега. За првпат ќе останеме долго (3 месеци) во Македонија, но и двајцата сме возбудени за престојот тука. На Бјонгдо му се допаѓа Македонија. Уште од првото доаѓање вели дека Македонците го пречекале со пријатно добредојде и му оставиле многу добар впечаток. Му се допаѓа и природата која ја имаме, бидејќи Кореја, а особено Сеул е град полн со згради и објекти, автомобили кои брзо возат, а луѓето се во брзање цело време, па тој вели дека Македонија е во спротивно мирна, тивка земја и човек може да се релаксира. Додека е тука се чувствува спокојно. Храната која е поразлична од корејската не му претставува проблем, а засега многу му се допаѓа бурек со месо!


Издвој нѝ некои места кои секој турист треба да ги посети при патување во Јужна Кореја.

Има многу места кои треба да се посетат во Јужна Кореја. Најпрвин, главниот град Сеул има многу знаменитости, како Лоте Кулата (Lotte tower) која е највисоката кула во Кореја (555 метри) и има 123 катови, или Гјонгбокгунг палатата (Gyeongbokgung Palace), една од 5-те познати палати во Сеул која била изградена во Џосон ерата.

Понатаму, градот Џонџу, каде има село со традиционални корејски куќи „Ханок“.

И секако, најголемиот остров во Кореја, островот Џеџу, кој е популарно место за туристи бидејќи може да се видат и прават многу работи.




Спонзорирани линкови

Маркетинг