Поради Лавров, украинскиот министер Кулеба нема да допатува во Скопје на состанокот на ОБСЕ

Макфакс

28/11/2023

15:09

1.514

Големина на фонт

а а а

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, нема да присуствува на министерскиот состанок во Скопје, а земјата ќе ја претставува делегација од нивното МНР.

Украина верува дека доаѓањето на руската делегација ќе ја влоши кризата во организацијата.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, ја објави одлуката на социјалните мрежи. Тој се заблагодари на напорите на Северна Македонија и на министерот Бујар Османи, кои, како што рече, демонстрирале висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и обврските на ОБСЕ. Сепак, вели Николенко, Руската Федерација постојано го уништува ОБСЕ злоупотребувајќи го правилото за консензус, со уцени и отворени закани.

„Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја претвори организацијата во заложништво на нејзините каприци и агресија“, вели Николенко.

Во такви услови, додава тој, присуството на руската делегација на министерскиот состанок на министерско ниво првпат од почетокот на целосната инвазија на Русија во Украина само ќе ја влоши кризата во која Русија ја воведе ОБСЕ.

И Естонија, Летонија и Литванија ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје поради Русија

По Украина, и Естонија, Летонија и Литванија најавија дека нема да допатуваат на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, доколку му се дозволи на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да присуствува.

Чекорот доаѓа откако Русија и Белорусија ја спречија кандидатурата на Естонија за претседавање со ОБСЕ во 2024 година, наместо тоа предлагајќи ја Малта како компромисен кандидат, пишува „Еуроактив“.

Москва претходно бараше ниту една земја од НАТО да не може да ја преземе улогата, велат дипломатите.

„Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“, рече министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна.


„Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина напаѓа невини Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Местото на Лавров е во специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ“, додаде тој.

Според тројцата министри, клучно е веднаш да се стави крај на агресијата, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се компензира за уништувањето и да се повика на одговорност.

„ОБСЕ првично беше дизајниран да ја изгради европската безбедност, да спречи конфликти и да го зачува мирот. А Русија, со своите незаконски и ѕверски дејствија, постојано докажува дека не е безбедносен партнер на Европа. Всушност, денес на Европа и е потребна безбедност од и против Русија, наместо заедно со неа“, изјавија тројцата министри.

Претходно денес, руската амбасада во Бугарија соопшти дека бугарските власти дозволиле авионот на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да прелета во бугарскиот воздушен простор за да пристигне на самитот на ОБСЕ во Скопје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг