Глобалните движења и зацртаниот план за профит на трговците сè уште ги држи превисоки цените на храната!

24 Вести

18/01/2024

20:44

700

Големина на фонт

а а а

Никој од властите не дава конкретно објаснување зошто цените на храната во Македонија се уште се многу високи иако на светските берзи има континуирано намалување на цените на суровините и основните прехранбени производи.

Од Стопанската комора посочија дека ова не се случува само во земјава туку и во цела Европа и Централна Азија, кои беа особено погодени од нарушувањето што го предизвика војната во Украина. Од Стопанската комора велат дека цените на глобално ниво за одредени прехранбени производи, како на пример житарките и маслото за јадење, паднаа минатата година од рекордните нивоа во 2022 година, при што руската војна против Украина, сушата и другите фактори придонесоа за ширење на гладот ​​низ светот. Наспроти нив, цените на шеќерот и на оризот во тоа време се зголемија. Во земјава пак, синдикалците продолжуваат со активностите за зголемување на стандардот на македонскиот работник. А надлежните уверуваат дека владините мерки се клучни за намалување на инфлацијата.

Од СК велат дека, колку што се објективни причините, сѐ повеќе се размислува за вештачко одржување на инфлацијата на храна за да се осигури профитот на индустриите на нереално високо ниво, од што најпогодени се ранливите категории на домаќинства со ниски приходи. Информациите од терен велат дека наспроти првите месеци од почетокот на војната во Украина, ситуацијата сега е нешто подобра, а цените на прехранбените производи во 2023 година бележат постојано намалување, иако уште се далеку над нивото пред пандемијата.

„Подобрување има и во делот на снабдувањето со храна како резултат на рекордно високото производство на пченица, пченка, маслодајни семиња и на ориз во земјите кои станаа доминантни на производствената мапа, како што се Аргентина, Бразил, Канада, Кина, ЕУ, САД и Индија. Последните случувања што го погодија регионот на Европа и на Централна Азија во претходните години нанесоа сериозни штети и негативни последици врз производството, дистрибуцијата и врз достапноста на храна. Овие состојби предизвикаа нестабилност во земјоделското производство и зголемување на цените на трошоците, суровините, енергијата и на храната, што резултираше со зголемување на трошоците за живот. ЕУ и Европската комисија за земјоделство апелираат да се прекине со инструментализирањето на храната во воени цели и да се осигура непречен извоз на жито и на други земјоделски производи од Украина во земјите на кои им се најпотребни“, анализираат од Стопанската комора.




Спонзорирани линкови

Маркетинг